Македонија
Муцунски и Петрова утре на средба во Софија за деблокада на ЕУ интеграциите
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски утре ќе престојува во Софија, каде што ќе одржи официјална билатерална средба со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова Чамова. Средбата е потврдена од македонските власти по официјалното пристигнување на дипломатската нота од бугарска страна.
Разговорот меѓу шефовите на дипломатиите на Македонија и Бугарија доаѓа во период кога европските интеграции на земјата се соочуваат со застој поради билатералните прашања. Токму затоа, евентуалното подобрување на политичкиот дијалог меѓу Скопје и Софија може да има значење за натамошното придвижување на европскиот процес.
Сè уште не е прецизирано каде точно ќе се одржи средбата, а форматот дополнително треба да го утврди бугарската страна. Како една од можностите се разгледува разговорот да се одржи во рамките на регионалниот состанок посветен на инфраструктурниот Коридор 8.
Премиерот Христијан Мицкоски во повеќе наврати посочи дека Македонија се залага за активен политички дијалог и унапредување на добрососедските односи како основа за надминување на отворените прашања со Бугарија.
Во меѓувреме, во Брисел се разгледуваат и предлози за промени во методологијата за проширување на Европската Унија. Една од идеите е ограничување на можноста за користење на ветото од страна на земјите членки во текот на преговарачкиот процес, со што билатералните спорови би имале помало влијание врз отворањето и затворањето на преговарачките области.
Македонските власти воедно очекуваат да се конкретизира концептот на постепена интеграција, преку кој земјите кандидати би можеле постепено да се вклучуваат во одредени политики и делови од единствениот европски пазар, паралелно со спроведувањето на потребните реформи.
Од македонска страна се посочува дека земјата веќе има целосна усогласеност со Заедничката безбедносна и одбранбена политика на Европската Унија. Дополнително, законските измени поврзани со системот на јавни набавки се очекува наскоро да влезат во собраниска процедура.
Третиот дел од процесот ќе зависи од конкретните реформски услови што Европската комисија треба да ги утврди за секоја земја кандидат.
Ставот на македонската Влада е дека евентуалното решение треба да овозможи продолжување на европскиот пат без загрозување на достоинството на граѓаните. Во тој контекст, се застапува и идејата за уставни измени со одложено дејство, односно нивното стапување во сила да биде поврзано со завршувањето на преговарачкиот процес со Европската Унија.
-
Маврово и ростушеПред 7 саати .Маврово и Ростуше: Отчет за работата на градоначалникот Онер Јакупоски
-
СветПред 1 недела .АЛАРМ ПО НОВ СОМНИТЕЛЕН СЛУЧАЈ НА ЧУМА ВО РУСИЈА: СЗО ИСПРАЌА БАРАЊЕ, ТРАМП НАЈАВИ РАЗГОВОР
-
МакедонијаПред 1 недела .Ѓорѓиевски: Во тек е целосна реконструкција на паркот „Жена Борец“
-
НекатегоризираноПред 1 недела .Вучко од Ростуше со нова веб-страница и онлајн нарачки