Маврово и ростуше
„Бошков мост“ повторно предизвикува контроверзии — еколошки организации алармираат: проектот ја загрозува природата и балканскиот рис
Проектот за реактивирање на хидроцентралата „Бошков мост“ повторно се најде во жижата на јавната дебата, откако најавите за негово враќање ја разбудија критиката на еколошките организации и стручната јавност. Насочувајќи го вниманието на односот помеѓу енергетскиот развој и заштитата на природата, проектот предизвика сериозни реакции за потенцијалните еколошки и правни последици.
Центарот за истражување и информирање за животната средина „Екосвест“ во отворено писмо предупреди дека проектот за Бошков мост:
- ја загрозува критично загрозената популација на балканскиот рис, ендемичен вид чија последна природна средина се наоѓа токму во Националниот парк Маврово;
- противречи со меѓународните обврски на државата, вклучувајќи ги и препораките од Бернската конвенција;
- и ја намалува правната заштита на природното наследство со тоа што дозволува инфраструктурни проекти во заштитени подрачја.
Според „Екосвест“, Бернската конвенција уште во 2015 година укажала дека хидроенергетските проекти во Националниот парк Маврово — вклучително и Бошков мост — можат да го загрозат опстанокот на природните екосистеми и критично загрозените видови.